Перес: Ме прогласија за убиец на фудбалот, проектот Суперлига ќе заживее

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, првпат по распадот на Суперлигата се појави во јавноста и говореше на оваа тема. Нему му е жал што овој проект не успеа, но очекува следниот да биде доста повпечатлив и верува дека во иднина ќе се игра посебна лига меѓу најдобрите екипи во Европа.

„Веќе три години работиме на овој проект, затоа ми е жал што не успеавме да го презентираме на добар начин кој ќе ги привлече останатите. Нашата цел беше да се избориме со оваа економска криза и да го спасиме фудбалот. Моменталниот формат на Лигата на шампионите е здодевен за публиката, а тоа за нас значи губење пари. Натпреварите се интересни за гледање од четвртфиналето па натаму, а поради тоа, овие 12 клуба лани загубија 650 милиони евра. Има натпревари кои воопшто не се следат, а ние сакавме секој натпревар да привлече гледаност така што ќе ги споевме најдобрите екипи од континентот“, почна Перес.

Планот на Суперлигашите беше да се тргнат од Лигата на шампионите, додека во домашните првенства ќе продолжат со натпреварувањата, а поради тоа јавноста го смета Перес за убиец на фудбалот.

„Секако дека ќе игравме во домашните првенства, ситуацијата ќе се сменеше само околу Лигата на шампионите. Нова лига оформена само со најголемите клубови ќе придонесеше на финансиски план за комплетната фудбалска индустрија. Наместо тоа, нас нè означија ако убијци на фудбалот, а ние се обидовме да го спасиме. Жал ми е што овој проект не успеа, но сигурно вториот ќе биде попривлечен и ќе го оствариме“, додаде првиот човек на Кралевите, а воедно изјави дека уште има поддршка од одредени клубови околу Суперлигата, но и дека знае и кој го саботираше проектот.

„Проектот не е мртов. Јувентус и Барселона се со нас, а Суперлигата не може туку така да се напушти. Потпишавме договори и планот е да се испочитуваат. Засега нема никого да тужиме, нема да казнуваме што некои клубови се повлекуваат. Но, доколку некој клуб го прекрши договорот, ќе следат големи казни. Англичаните беа под притисок, а смешно е што 40 фанови на Челзи го направија тој притисок“, посочи Перес и продолжи:

„Можам и да ви кажам кој ги организираше тие луѓе да протестираат, тоа се истите кои на фудбалерите на Кадис им дадоа да носат маичи со пораки против Суперлигата. Сопствениците на Манчестер јунајтед од самиот почеток тргнаа со манипулации дека ќе отстапиме од домашните првенства. Од самиот почеток еден англиски клуб не покажа интерес за Суперлигата и тоа влијаеше врз останатите“ заврши Перес.

- Оглас -

Најнови вести