Пешиќ им подготвил замка на Американците: Имаме убав план, ќе видиме како ќе изгледа тоа на теренот

Кошаркарската репрезентација на Србија го отвора олимпискиот турнир со натпревар против Соединетите Американски Држави. Пред овој меч зборуваше селекторот Светислав Пешиќ, кој тврди дека има подготвен план за Американците.

Србија е еден од фаворитите за медал на олимпискиот турнир, според обложувалниците. Сепак, за злато не им се даваат големи шанси поради присуството на Американците предводени од големите НБА ѕвезди.

Легендарниот Кари има подготвен план за овој натпревар. Тој ќе се обиде да ги победи Американците, но тврди дека овој меч не решава апсолутно ништо.

„Како да се спротивставиш на тим со такви квалитети? Не треба ни да влезеш во салата ако не си подготвен за тимска игра, особено со одбрана, да го неутрализираш нивниот индивидуален квалитет. Натпреварот го подготвувавме на тој начин и ќе се обидеме да го спроведеме нашиот план на игра“, изјави Пешиќ.

„Мораме да знаеме дека кошарката не е хокеј на мраз, туку кошарка каде што промената на ритамот е најважниот дел од играта. Така се подготвувавме. Мораме да ги спроведеме нашиот систем и план на игра на теренот“, потенцира селекторот на Србија.

Србија ќе се обиде да го намали бројот на технички грешки, особено загубените топки.

„Тимот кој прави помалку грешки веднаш ја зголемува самодовербата. Затоа е потребно да бидеме што попрецизни во нападот и да знаеме точно кого во кој момент ќе го напаѓаме. Ќе видиме како ќе изгледа тоа кога ќе дојде натпреварот“, истакна Пешиќ.

„Знам дека нашите навивачи се прашуваат дали можеме да ги победиме Американците? Тоа не ме интересира многу. Секако дека би сакал да победиме, но се играат и други натпревари и ништо нема да се промени без разлика како ќе заврши првиот меч. Ние мораме да играме против Порторико и против Јужен Судан за да ја постигнеме првата цел – пласман во следната фаза од кошаркарскиот турнир во Париз“, заврши српскиот селектор.

- Оглас -

Најнови вести