„Петка“ за Ливерпул

Дербито на Премиерлигата помеѓу Тотенхем и Ливерпул, одиграно на „Вембли“, им припадна на гостите од градот на „Битлси“ со 2:1. Ливерпул има 15 бода од пет меча, што е најдобар старт за „црвените“ од 1990/1991 наваму.

Ливерпул поведе со голот на Џорџинио Вајналдум, негов прв погодок на гостински терен во кариерата. Холанѓанецот не ја затресе мрежата, но после неговиот шут со глава, топката ја мина воздушната гол-линија.

Во 54 минута, Роберто Фирмино зголеми на 2-0, откако целата работа ја заврши Садио Мане, па на среќниот Бразилец му остана само да ја спроведе топката во празниот гол и да го постигне најлесниот гол во кариерата. При вториот гол, се покажа дека Ворм не е соодветна замена за првиот голман на Тотенхем, Иго Лорис. Ламела намали на 1-2 во судиското продолжение.

Фирмино не го одигра мечот до крај, бидејќи доби посекотина околу окото, па некои англиски аналитичари се шегуваа дека можеби треба на играчите да им се проверува должината на ноктите пред меч.

- Оглас -

Најнови вести