Петар Петковски игра одлично, откако летово се пресели од Вардар во Работнички и на стартот од сезоната е втор стрелец во домашното првенство.
Утре од 19 часот младинскиот репрезентативец на Македонија ќе биде главна закана кон голот на Вардар, во дербито од шестото коло. Ќе се игра од 19 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
„Се знае кој е Вардар. Најголемиот спортски бренд во Македонија, но Работнички може да победи. Минав прекрасни мигови во „црвено-црниот“ дрес, сепак утре ќе настојувам со сите сили да одиграм добро за Работнички. Противникот е квалитетен, очекувам вистинско дерби и победа на Работнички“, вели Петковски.
Тој добива доволно минутажа да игра кај тренерот Ѓоре Јовановски и досега максимално ја оправда довербата. Членот на златната генерација младинци, што настапи на ЕП во Полска, лани, постигна пет гола во пет кола и е втор стрелец, зад Бесарт Ибраими со шест.