Петта титула во СЕХА: Вардар му одржа нова лекција на Загреб!

Вардар стигна до петтата титула во СЕХА-лигата откако славеше убедливо против ППД Загреб во финалето со конечни 26-23. Избраниците на Роберто Парондо трета година во низа го зедоа трофејот во своите раце, па во репризното финале од минатата година повторно беа посилни од хрватскиот тим.

Вардар во изминативе две недели по третпат се сретна со Загреб, претходно го совладаа во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Ракометарите на Загреб подобро го започнаа мечот, па во раната фаза од средбата дојдоа до предност од 4-7, но Вардарци немаа проблеми да се вратат во игра, а по израмнувањето на 10-10, „црвено-црните“ ја презедоа контролата, па со два гола предност заминаа на пауза (14-12).

И во стартот на вторите 30 минути од финалето, загрепчани подобро отворија, но Скубе и Криштопанс приредија серија од неколку погодоци со кои Вардар дојде до висока предност од 24-19. На неколку минути пред крајот, Загреб се обидуваше да ја врати неизвесноста, а преку Хорват успеа да ја намали негативата на 24-23, но Милосављев и Скубе се погрижија да нема сензационален пресврт во последната минута.

За Вардар ова е петта титула, односно трета последователна, а воедно и третпат во едно финале слави против Загреб.

Криштопанс беше најефикасен со седум погодоци, Скубе беше перфектен со 5/5 погодоци, а пет гола постигна и Дибиров, додека Милосављев заврши со седум интервенции. Кај поразените, најрасположен беше Мраковчиќ со четири гола.

Во мечот за трето место, Мешков Брест претходно убедливо славеше портив Нексе со 24-19.

 

 

- Оглас -

Најнови вести