Писмо од Амстердам

Последниот меч на Македонија на деби учеството на големите натпреварувања, против Холандија, утре во Амстердам од 18 часот воопшто не е неважен, иако веќе сме елиминирани во првото учество на Европските првенства.

Никако не смее да ни се случи да претрпиме некаква катастрофа, во меч без преголемо резултатско значење и за Холанѓаните кои секако ќе бидат први во Ц групата, а Македонија ќе си замине дома.

Со настапот на ЕП, Горан Пандев и соиграчите предизвикаа невидена еуфорија, што кулминираше со фантастична поддршка во Букурешт, на огромна црвено-жолта армија на навивачи.

Сега ќе ги нема во преголем број во Амстердам, поради премногу строгите протоколи во Холандија, но и тоа не треба да биде пречка нашите фудбалски јунаци да одиграат максимално ангажирано и посветено и да се обидат да освојат бод(ови), први на ЕП.

По утрешниот меч во репрезентацијата ќе се сменат многу работи. Капитенот Пандев ќе ја заврши репрезентативната кариера, барем така најави, можно е да има смена и на селекторската позиција, за уште неколку репрезентативци „Јохан Кројф арената“ веројатно ќе биде збогум од националниот дрес.

Оваа генерација предводена од селекторот Игор Ангеловски остави траен белег во македонската фудбалска историја со пласманот на првото големо натпреварување. Ќе бидат запаметени како нашите фудбалски херои, но утре имаат уште една задача.

Да одиграат блескав меч што ќе се памети, без разлика на резултатот и да остават и убав „мираз“ за новиот бран македонски фудбалери, кои ќе бидат вкомпонирани во тековните квалификации за Мундијалот во Катар.

Добар меч на „Јохан Кројф арената“ ќе го продолжи оптимизмот што не заплисна во последно време, со пласманот и учеството на ЕП, со победата против Германија, со одличните настапи на Македонија, која воопшто не разочара и во Букурешт, иако загуби и од Австрија и од Украина.

За крај неизбежно е да се спомене и односот на домаќините кон нашите навивачи, кои станаа препознатливи по фанатичната поддршка на Македонија во Букурешт.

Светската приказна, најсимпатична на Европското првенство, што стана хит и топ-тема со прекрасните журки во Букурешт нема да се повтори овде во Амстердам.

Холанѓаните не дозволија навивачи од Македонија да патуваат за Амстердам, за мечот што ќе се игра утре од 18 часот. Оправдание некакво имаат, се вадат на пандемијата со Ковид-19, но и за тоа имаше чаре со ПЦР тестовите.

Вака излегува дека земјата во која се наоѓаат дури 8 разноразни институции на Европската унија, која треба да биде модел за права и слободи и буквално забрани пристап на македонските навивачи.

Да не ги будиме и спомените на Ана Франк, девојка која со своите писма од тајната куќа во Амстердам во екот на Втората светска војна стана светски симбол за копнеж по слобода, копнеж за живот, тажна приказна која остави историски печат во пост-воена Европа.

Македонија памети, како деца плачевме за поразите на Холандија во финалето на Мундијалите во 1974 и во 1978 од Западна Германија и Аргентина, со солзи за една незаборавна генерација на Орање во која играше и Јохан Кројф, до него и Нескенс, Рензенбринк, Реп, браќата Ван де Керкоф и многу други легенди на светскиот фудбал.

Македонија памети и ќе врати со добро, а Лалињата се секогаш добредојдени во нашата земја, заедно со нивните навивачи, затоа што фудбалот и спортот се секогаш посилни од политичките игри и одлуки.

- Оглас -

Најнови вести