Писмо од Букурешт

Македонија има прекрасна промоција на Европското првенство и како држава и, пред сè, како фудбалска нација, а во Букурешт, па и во Европа главната симпатија им се некои нови момци од мала земја од Западен Балкан.

„Од сега навивам за Македонија. Играат атрактивен фудбал, мечот против Австрија беше убедливо најубав во првото коло на првенството. Македонците играат убаво за око, знаат брзо да одиграат контра, имаат фудбалери што се дел од најсилните лиги и се една од најсимпатичните репрезентации на првенството“ е само еден од многубројните коментари на социјалните мрежи по мечот со Австрија.

Загубивме, но не сме поразени, туку сосема спротивно, испаднавме една од убавите приказни на почетокот на ЕП. Секако, спортски поразот е незгоден, но за дебитант на големи натпреварувања одигравме сосема добро.

Не ја мачевме топката, не игравме бункер, немаше страв, ниту некакви калкулации. Сето тоа треба уште малку да се изгланца, да се дотера и да се тргне во битка на победа против Украина, утре во Букурешт.

Горан Пандев е искусен волк, светска приказна што трае 20 години и ќе знае како да командува со својата војска. И има силни адути и војници што бескрајно му веруваат и ќе дадат сè од себе да се спротивстават на противник што реално има повисок рејтинг, повеќе успеси и учества на големите натпреварувања.

Украина не е непобедлива, во модерниот фудбал денеска нема непобедливи и сите очекуваме и се надеваме дека ќе видиме уште еден прекрасен меч од дебитантот на ЕП, од нашата репрезентација.

Само тоа е важно, оти кога ќе видите дека многумина и надвор од Македонија коментираат дека сакаат да бидат Пандев, со неговата фудбалска бајка, со една сторија што трае 20 години, со гол на 37-годишна возраст, со триплета во 2010 година, со пет куп-титули во легендарната Серија А, со клучен гол што ја одведе Македонија на ЕП.

„Во овој момент сакам само да сум Пандев. Овој човек е неуништлив. Гол во Тбилиси за победа на Македонија и пласман на ЕП, капитен со солзи во очите кога за првпат на ЕП се пее химната на неговата земја, стрелец на прв гол за Македонија на големи натпреварувања, успеси, успеси и само успеси. Жива легенда што ме натера да дознаам нешто повеќе за една мала земја во срцето на Европа и секако ме залепи за телевизор да го гледам мечот со Австрија. Јас не сум разочаран, напротив ме обзедоа емоции како да сум роден таму. Сега разбирам зошто сите што живеат во Македонија и надвор од неа, а си ја сакат земјата, пеат, играат и се радуваат по пораз. За нив ова е историја и не паметам некој толку да ја заслужил со својот однос, со насмевки на лицата, со фанатична желба да се прикажат во убаво светло.

Со забавни и пристојни навивачи што се Бисер балкански и станаа главна вест во светските медиуми со нивните забави во Букурешт. Напред Македонија, вие ми го разубавувате првенството и ви посакувам долго да останете на турнирот“, е нов коментар на социјалните мрежи што ве прави да бидете горди на сè што ѝ се случува на Македонија на Европското првенство.

Затоа подгответе се за утре, за нови пријатни моменти, за солзи во очите кога ќе се пее химната на Националната арена во Букурешт.

За кнедла во грлото кога ќе ја погледнете најатрактивната армија на навивачи на ЕП како пеат во чест на својата земја, а се надеваме дека сте подготвени и за прослава на победа против Украина. Зошто да не, имаме супер репрезентација, што загуби една битка, но не и војната.

Сме победувале и подобри селекции од Украина, ќе ги почитуваме, но не им се плашиме, затоа што оваа генерација репрезентативци, како што вели и капитенот, заврши со балканскиот карактер и има европски менталитет.

Пораката од сите во Македонија и надвор од неа што се радуваат на сè што се случува овде во Букурешт останува иста за Гоче, Аријан, Столе, Елиф, Енис, Езџан, Стефан, Дарко, Бобан и сите што нè израдувавте до небо со пласман на ЕП.

Само гордо, вие играјте фудбал, ние никогаш нема да ве оставиме сами.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести