Писмо од Букурешт

Македонија трепери за своите фудбалски јунаци на еден ден до историскиот настап на големо натпреварување, против Австрија, утре од 18 часот.

Подготовките за Европското првенство веќе привршуваат, а сите патишта од Скопје, Тетово, Битола, Прилеп и цела Македонија водат кон главниот град на Романија, Букурешт.

Дојдовме по фудбалско признание на значаен настан, но овде веќе знаат речиси се за Горан Пандев, Елиф Алмас, Енис Барди, Стефан Ристовски и целиот македонски фудбалски тим.

Дожд за бериќет врнеше вчера во главниот град на Романија. Некако пристигнавме и покрај лошото време и веднаш се „нацртаа“ и насмевки на лицата. Кој би останал рамнодушен. Од приземје се слуша познат јазик. Први соседи во комплексот каде што сме сместени ни се Македонци. Чудно, но на некој начин и очекувано. Ги има во мешан состав, од различни градови. Сите сме едно, сплотени за успех на нашите фудбалски херои.

Посебен увод сега веќе и не ви треба за да објасните од каде сте. Доволно е „Од Македонија сме, и ДА ние ја победивме Германија“.

„Добредојдовте. Ќе навиваме за вас, кога веќе Романија не успеа да се пласира на ЕП. Ја победивте Германија, што е светско чудо, нема причина да не се надевате на успех и на шампионатот. Почетокот е многу важен и ви посакуваме да бидете подобри од Австрија“ не дочекаа домаќините во Букурешт.

Полека, но сигурно Букурешт ќе се обои во препознатливите македонски бои, а недела ќе биде нашиот нов празник. Фудбалски во чест на Пандев и соиграчите. Валцерот против Австрија е за вас, за нашата златна генерација, а Македонија бара само да го одиграте како што знаете, без притисок, со насмевки на лицата, машки и до последен здив.

До утре и до почетокот на историскиот меч со Австрија со радост ги чекаме новите фудбалски авантуристи од Македонија. Букурешт е домаќин на три репрезентации, но пет-шест дена ќе биде нашето свето место, нашиот фудбалски храм, со доминација на нашите навивачи. Се надеваме дека ќе го паметиме по убаво, по победи, по први успеси на Македонија на големите фудбалски натпреварувања.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести