Пјаниќ ѝ кажа „да“ на Барселона

Миралем Пјаниќ е пред преселба во редовите на Барселона, тврди реномираниот лист „Газета дело спорт“, а оваа информација ја пренесоа и останатите италијански медиуми. Босанскиот репрезентативец наводно се согласил за преселба на „Камп ноу“, па останува Јувентус и Барселона да ја договорат сумата на трансферот.

Како една од опциите на Јувентус беше размена за услугите на Артур Мело, меѓутоа Бразилецот не сака да ја напушти каталонската метропола, па сега се појавија имињата на Иван Ракитиќ и Артуро Видал, кои би биле дел од трансферот и би се упатиле во спротивен правец од Пјаниќ.

Вредноста на Пјаниќ на трансфер-пазарот моментално е 52 милиони евра, а допрва ќе се види колкава ќе биде сумата на неговата преселба ако се земе предвид финансиската криза на клубовите која настана поради пандемијата со корона-вирусот.

Пјаниќ оваа сезона запиша вкупно 32 настапи за Старата дама во кои забележа три гола и четири асистенции, а со гигантот од Торино од 2016 година наваму освои три Скудета, два Суперкупа на Италија и еден Куп.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести