Плаче Англија по елиминацијата на Тотенхем: Кејн е играч за Лига на шампиони, не треба да испаѓа против Динамо

Хари Кејн е играч за Лигата на шампионите и не треба да испаѓа од екипи од калибарот на Динамо Загреб, вели Питер Крауч за „Скај спортс“, а жалопојките во Англија за судбината на Тотенхем се уште траат.

„Кејн е калибар на фудбалер што заслужува да игра во Лигата на шампионите. И тој и Сон треба да играат на повисоко ниво од Европа Лигата. Во Лигата на шампионите да се натпреваруваат со Левандовски, Мбапе, Халанд… Знам дека му се верни на Тотенхем, но вакви натпревари и порази не им помагаат во кариерата“, вели Крауч.

Кејн е можеби и единствениот играч што настапи во реваншот во Загреб, што не трпи многу критики по дебаклот што го доживеаја Спарс на „Максимир“.

Гостите од Лондон допатуваа со комотна предност од 2:0 од првиот меч, но во 120-минутна епска битка Динамо ги нокаутира со победа од 3:0 и ги исфрли од игра за пехарот во Европа Лигата.

Мислав Оршиќ имаше ноќ за паметење со хет-трик, во кој првиот и третиот гол беа фантастични, а сите играчи и навивачи на Динамо заслужено слават голем подвиг и елиминација на големите ѕвезди од Премиерлигата предводени од Жозе Мурињо.

 

- Оглас -

Најнови вести