Плашете се од Италија, Манчини не планира да „крене рачна“

Репрезентацијата на Италија вчера го прослави пласманот на ЕП 2020 со неверојатната победа од 9-1 против Ерменија. Аѕурите така ја запишаа 10-тата победа од исто толку натпревари во овие квалификации, додека составот на Роберто Манчини урна рекорд стар 80 години за најмногу нанижани победи во историјата на четирикратниот светски првак.

Италијанците буквално немаа милост против Ерменците, па со овие девет погодоци значително го подобрија и учинокот во квалификациите. Дадоа вкупно 37 гола, примија само четири, а Манчини вели дека оваа форма нема да заврши, но и дека неговиот состав ќе се труди уште повеќе за да продолжи со добрите резултати.

„Убаво е да се урнат рекорди, но она што мене ми е важно е да освоиме пехар, во случајов континенталната титула на следното Европско. Одигравме прекрасен натпревар, сè беше во наша полза. Во денешно време ретко се случува една селекција да постигна девет гола на еден квалификациски меч, така што можам да кажам дека сум презадоволен од настапот на моите играчи. Сепак, нашата мисија е далеку од завршена, ни преостанува во добро светло да се прикажеме на ЕП, па да продолжиме со оваа убава низа победи. Имаме околу шест месеци да се подготвиме, а сите опции кои ги имам треба да покажат зошто заслужуваат да се најдат на списокот од 23-ца фудбалери со кои ќе се појавиме на ЕП“, истакна Манчини.

 

- Оглас -

Најнови вести