По 12 освоени трофеи, Роналдо првпат почувствува како е да се загуби во финале

Лацио е еден од ретките клубови во Италија што може да се пофали дека само за 15 дена успеал двапати да го победи Јувентус. Небесносините најпрво со 3:1 во Рим го победија италијанскиот шампион во првенството, а вчера со истиот резултат славеа и на неутрален терен во Саудиска Арабија, во дуел за трофејот од Суперкупот на Италија.

Јувентус ја имаше фаворитската улога, но Лацио покажа дека е во неверојатна форма и на крајот се радуваше. На овој меч прекина една неверојатна серија на најголемата ѕвезда на Јувентус, Кристијано Роналдо. Португалецот го загуби своето прво финале по пауза од шест години и вкупно 12 освоени трофеи во низа.

Роналдо немаше пораз во финале уште од 2013 година. Тогаш како играч на Реал Мадрид загуби во финалето на Купот на Шпанија од Атлетико Мадрид со 2:1. По тој неуспех, следува фантастична серија на радости за Роналдо. Во 2014 година, Роналдо со Реал Мадрид се радуваше во финалињата на Лигата на шампиони (победа над Атлетико Мадрид 4:1 по продолженија), Супер купот на УЕФА (против Севилја 2:0) и Светското клупско пренство (против Сан Лоренцо 2:0).

Потоа следуваше 2016 година и нови три финалиња, за нови три титули. Роналдо со Реал се радуваше во Лигата на шампиони и Светското клупско првенство, а со Португалија за првпат стана европски првак. Во 2017 година се редеа трофеите во Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.

Во 2018 година ја освои Лигата на шампионите со Реал, па направи трансфер во Јувентус, каде што веднаш стигна до трофејот во Суперкупот на Италија по победата од 1:0 против Милан. Оваа година, Роналдо со Португалија играше во финалето на Лигата на нациите и ја освои (победа над Холандија 1:0). И така, сè до вчера, кога по 12 освоени трофеи во финалињата, Роналдо конечно загуби, и тоа како играч на Јувентус во дуелот со Лацио.

- Оглас -

Најнови вести