По пет години, Ибрахимовиќ се враќа во репрезентација

Златан Ибрахимовиќ треба да биде во составот на шведската репрезентација за претстојните мечеви во квалификациите за Светското првенство во 2022 година. Шведска е во група со Шпанија, Грција, Грузија и Косово, а првиот меч ќе го игра против Грузија на домашен терен на 25 март.

Според најавите од Италија и од Шведска, Ибрахимовиќ веќе се договорил со селекторот Јане Андерсон и повторно треба да го облече дресот на Викинзите и тоа по пауза од речиси пет години. Последен пат Златан играше за Шведска на Европското првенство во 2016 година кога ги одигра сите три меча во групата, но не даде гол. По елиминацијата на ЕП, Ибрахимовиќ најави дека се повлекува од националниот тим.

Легендарниот голгетер во октомври ќе полни 40 години, но тоа не му е пречка за повторно да се активира и да биде дел од репрезентацијата. Досега има одиграно вкупно 116 натпревари и е прв стрелец во историјата на националниот тим со 62 гола.

Златан уште игра на врвно ниво е и прва ѕвезда во тимот на Милан, кој в четврток ќе го игра реванш мечот од Лигата на Европа против Манчестер јунајтед.

 

- Оглас -

Најнови вести