По поразот во Белград, тренерот на Клуж во немоќ: Што треба да направам, да земам пиштол и да пукам во некого?

Црвена ѕвезда убедливо со 4:0 го победи Клуж во првиот меч од плејоф-фазата за пласман во Лигата на Европа, па во реваншот ќе треба рутински да го одработи пласманот во групната фаза во второто по ранг натпреварување на УЕФА.

Тренерот на гостите Мариуш Шудумика уште пред почетокот на средбата беше под притисок дека може да добие отказ, а овој очаен резултат може само да ја забрза постапката.

„Прво морам да кажам дека ова е срамен резултат, и тоа направен поради неверојатните грешки на поединци. Не сакам да видам ваква игра повторно. За противник имавме одморен тим, видовте дека ги загубивме сите дуели во играта еден на еден. Во првото полувреме тие двапати стигнаа до нашиот шеснаесетник и постигнаа два гола. Во вториот дел им подаривме уште два погодоци“, вели Шудумика, кој едноставно вели дека се срами од играта на своите играчи, но затоа вината ја презема врз себе.

„Им реков дека првиот половина час е најважен, а ние примивме гол во петтата минута. Вакво нешто немам видено ниту кога бев тренер во третата лига. Имам сила да признаам дека поразот е моја вина, но играчите треба да се срамат од играта. Што требаше јас да направам? Да земам пиштол и да пукам во некого? Три гола примивме од контра напади“, заврши Шудумика на прес-конференцијата по поразот во Белград.

Тренерот истакна дека сака да продолжи да работи во клубот и да се обиде да создаде екипа и за европски дострел, а не само за доминација во домашното првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести