По шест месеци, денеска ќе се доигра најбизарниот меч во историјата на Шпанија

Рајо Валјекано против Албасете, меч од втората шпанска лига кој на програмата беше на 15 декември 2019 година. Иако поминаа безмалку шест месеци од тогаш, дуелот уште не е завршен. Причина за тоа е прекинот кој се случи на полувремето.

Во последните моменти од првото полувреме еден гостински играч заработи црвен картон, но тоа не беше причина за прекинот. Навивачите на Рајо Валјекано започнаа со навредливи скандирања кон Украинецот Роман Зозулија, кого го нарекуваа „Е*ан нацист“. Поради овие навреди, гостинските играчи не сакаа да продолжат и судијата реши дуелот да биде прекинат. 

Пред да заигра за Албасете, Зозулија требаше да дојде на позајмица од Бетис во Рајо, но левичарски настроените навивачи негодуваа и едноставно го избркаа Зозулија да не заигра за нивниот клуб. Тие му замерија затоа што Украинецот се имаше фотографирано со пушка во рацете, а на маицата има нацистички знак.

На крајот Зозулија замина во Албасете, а навивачите на Рајо не го заборавија неговиот „грев“, па токму поради тоа беа и навредливите скандирања поради кои мечот не се доигра на 15 декември.

Случајот за тој меч заврши на шпанскиот арбитражен суд, кога беше одлучено да се доигра на 19 февруари, а Рајо беше казнет со 18.000 евра. Во февруари се појави корона-вирусот и наместо да се доиграат вторите 45 минути, дуелот беше повторно одложен.

Наместо на 15 декември, дуелот ќе се доигра вечерва, што ќе биде прв фудбалски натпревар во Шпанија по пандемијата со корона-вирусот. Тоа значи дека Рајо и Албасете ќе доиграат по пауза од точно пет месеци и 26 денови. Претходниот рекорд за најдолго поминато време од почеток до крај на еден меч беше во 1989 година, меѓу Овиедо и Реал Мадрид. Тој дуел започна на 28 јануари, а се доигра на 3 мај, односо по три месеци и пет дена.

Од денот кога започна мечот меѓу Рајо и Албасете, домаќините продадоа неколку играчи, Албасете го промени тренерот, а дури 11 нови играчи дојдоа во двата клуба. Тие играчи кои дојдоа во зимскиот преоден рок нема да имаат можност да играат вечерва затоа што според правилникот, не биле дел од записникот на 15 декември. По првите 45 минути, резултатот беше 0:0.

 

- Оглас -

Најнови вести