Како победа над Федерер му го смени животот на еден Перуанец?

Родолфо Раке е Перуанец кој не успеа да се снајде во тенискиот свет, па затоа неговата спортска кариера брзо заврши. Сепак, Раке може да се пофали дека во јуниорска конкуренција играл против Роџер Федерер и успеал да го победи. Тоа се случило во 1996 година, во конкуренција за играчи до 18 години.

На турнир во Италија, Раке успеал да го победи Федерер и да триумфира на турнирот. Во тој  момент Перуанецот бил во топ 10 јуниори во светот. Сепак, подоцна Раке се откажал од тенисот и по речиси една деценија подоцна, решил да влезе во друга сфера. Конкурирал за работа во една реномирана банка, а тогаш не ни помислувал дека токму трумфот над Федерер ќе му донесе нова работа.

„Кога го добив првиот повик за разговор во една голема банка, човекот кој ми го правеше интервјуто погледнал дека во моето досие стои дека кога сум бил тенисер, сум успеал да го победам Федерер. Тој ме праша, дали е вистина дека сум го победил Федерер, а кога му одговорив дека е точно, веднаш ја добив работата. Тоа беше во 2005 година кога Федерер беше најдобар тенисер во светот“, открива Раке.

Победата на Раке против Федерер е најголема во кариерата. Тој како тенисер има заработено 39.000 долари.

„Иако поминаа повеќе од 20 години од таа моја победа над Федерер, се сеќавам дека уште тогаш имаше силен удар. Тој има природен талент за тенис. Едноставно леташе по теренот. Единствено што кога беше јуниор, често ги губеше нервите. Кога го игравме вториот сет, беше многу израмнето. Роџер ме тераше многу да трчам. Имаше еден смеч, но наместо да поентира, го удри топчето надвор од теренот. Тогаш целосно ги загуби нервите и фокусот, па успеав да го победам“, се присетува Раке, кој сега е успешен банкар.

 

 

- Оглас -

Најнови вести