Победата во Романија ќе вреди милион денари

Марко Симоновски на местото на Александар Костоски е единствената измена која ќе ја има Јорданчо Давитков во однос на составот на Македонија кој во септември ја совлада Романија со 90-76 во Скопје. Костоски се откажа од настапите во националниот тим, а од списокот на кандидати за романскиот град Плоешти не отпатува и младиот крилен центар Андреј Маслинко, кој има повреда и наскоро треба да биде опериран.

Ричард Хендрикс на тимот ќе му се приклучи директно во Романија. Нашите најдобри кошаркари денеска заминаа за Романија, каде што утре од 17 часот (пренос на МТВ) ќе го играат последниот меч од претквалификациите за Евробаскетот 2021.

„Црвено жолтите“ се на добар пат да се пласираат во квалификациите за ЕП, во кои ќе играат 32-те најдобри европски репрезентации, и да ја обезбедат премијата која им ја ветија од куќата на кошарката. Во случај да победат, МКФ ќе треба им подели премија од 1 милион денари, додека ако загубат со помалку од 14 поени разлика, наградата ќе биде 750 илјади денари.

Кошаркарите лани поделија премија од 15.000 евра за првото место во групата во првата претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2021, а за прво место во втората фаза од претквалификациите им се „смешкаат“ 16.500 евра.

- Оглас -

Најнови вести