Почнува битката за најценетиот пехар во Северна Америка – Стенли купот има тривековна традиција и го чека новиот шампион во НХЛ

Регуларниот дел од сезоната во НХЛ ќе заврши вечерва со мечот меѓу Винипег џетс и Сиетл кракен со ревијален настан, бидејќи и двете екипи нема да играат во плејофот, а двојките за првото коло во разигрувањето за титулата веќе се познати.

Популарниот Стенли куп почнува во вторник по полноќ со првите мечеви од стартното плејоф коло, а пехарот што му се доделува на шампионот велат дека е највредниот во професионалните спортови во Северна Америка.

Најстар е сигурно во професионалните лиги и се доделува веќе во три различни векови.

Монтреал е првиот шампион во сезоната 1892/93, а популарните Канаѓани се апсолутни рекордери во најсилната хокеарска лига на светот со 24 титули.

Тие нема да играат во плејофот, а еден од фаворитите е Торонто мејпл лифс, втората најтрофејна екипа со 13 титули.

Задачата ќе им биде многу сложена, бидејќи веќе во првото коло ќе играат против актуелниот првак во НХЛ, Тампа беј лајтнинг.

Екипата за која игра Стивен Стамкос, хокеар што има македонски корени ќе оди на хет-трик, откако беа шампиони во претходните две сезони.

Торонто ќе има предност да игра барем едне меч повеќе на домашен терен во еден од дерби дуелите во првото плејоф коло.

Второто дерби на Истокот ќе биде меѓу Њујорк ренџерс и Питсбург пингвинс, две екипи што заедно имаат 9 пехари и играле вкупно 17 финалиња.

Флорида која имаше најмногу поени во регуларниот дел на сезоната, 122, и ќе ја има пол-позицијата во текот на целиот плејоф ќе игра со опасниот тим на Вашингтон кепиталс.

Интересно ќе биде и во плејоф серијата меѓу Каролина хурикенс, клуб што има една титула од 2006 против трофејниот Бостон бруинс, кој играл дури 20 финалиња и има шест пехари во клупската колекција.

Во последно време доминираат клубовите од Источната конференција и имаа дури пет ттитули во последните шест изданија, па сега екипите од Западот ќе се обидат да ја прекинат нивната доминацијата.

Во првото плејоф коло во Западната конференција Колорадо авеланш е фаворит против Нешвил предаторс, Минесота ќе има предност на домашен терен против Сент Луис, единствениот тим што освои титула од Западот во НХЛ во последните шест изданија, а беа шампиони во 2019 година.

Калгари флејмс против Далас старс и Едмонтон ојлерс против Лос Анџелес кингс ги комплетираат двојките во првата плејоф рунда.

Стандардно се игра до четири победи во максимум 7 натпревари, а Флорида и Колорадо ќе имаат предност да играат на домашен терен, се додека се во игра за титулата.

Во евентуално финале Флорида како најдобра екипа во регуларниот дел би играла еден меч повеќе на свој терен од финалистот од Западната конференција.

 

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести