Подмачкана гол-машина: Произведена 1981 година, работи како нова

Требаше да измине цела деценија за Милан да се израдува на победа во Неапол. Требаше Ибрахимовиќ да ја напушти Чизмата, да издоминира во Франција, да поужива на калифорниската ривиера, па да се врати во црвено-црниот дрес и да им одржи лекција на Наполитанците. Тој го донесе последниот триумф на „Сан Паоло“ во октомври 2010 година, а вчера повторно блескаше под Везув како ништо да не се сменило во последниве 10 години.

Ова што гол-машината на Росонерите го прави на 39 години, не е верно, а ниту е реално за обичниот смртник. Обичен смртник на таа возраст не ни помислува да облече копачки и да се надигрува со силни „деца“, а уште помалку да го води тимот во шампионски поход. Но, кога си Златан Ибрахимовиќ, ништо не е невозможно.

Вистинско чудо е како гол-машината „произведена“ во Шведска во 1981 година уште работи како нова. Честопати носена на поправка, само пред три години беше надвор од употреба цели 210 дена или седум месеци, но добрите мајстори овозможија повторно да проработи во полна пареа. Му се спротивстави и на корона-вирусот, Ибра тоа го смета дека бил на подмачкување, па затоа продолжи да „гази“. Гол со глава од 13 метри, а потоа втор постигнат со колено во кунг-фу стил, речиси да нема атракција која Златан веќе не ја направил, а направил премногу. Иако мораше принудно да го напушти теренот држејќи се за бутниот мускул, во Милан не стравуваат дека тоа може да го тргне од терените, туку Ибра ќе оди на ново брзо подмачкување за да продолжи да игра како сега да му почнува кариерата.

Тој се погрижи за експертите и аналитичарите, но и обложувалниците да го сметаат Милан за еден од главните конкуренти за Скудетото за оваа сезона, а напоредно си почна своја мисија по третпат да биде Златна копачка во Калчото, со оглед на тоа дека веќе е двоцифрен (10) само по шест одиграни натпревари.

Триумф на Милан и Ибрахимовиќ дава гол треба да е обложувачки „зицер“ секој фудбалски викенд.

СПЕЦИЈАЛЕН АНТИГВАРДИОЛА СИСТЕМ

Само со два упатени удари во рамките од голот кои завршија зад грбот на Едерсон, Специјалниот, односно сега веќе Искусниот како што сака да го нарекуваат, уште еднаш покажа како работи неговиот антиГвардиола систем.

Мурињо намерно ги остави Граѓаните статистички да доминираат, што на крајот од мечот апсолутно е неважно кога резултатот е во полза на екипата која ја предводи Португалецот. Тотенхем на теренот излезе да победи бранејќи се, тактика која честопати му успевала на Мурињо, како и во овој случај, а се чини дека на свој начин се потпира на една златна фраза која Сер Алекс ја потенцираше во свое време: „Нападот носи победи, одбраната носи титули“.

Доколку екипата од Северен Лондон продолжи да игра по нотите на својот менаџер, оваа фраза уште еднаш може да се покаже како точна. Тотенхем е лидер во Премиер лигата и дефинитивно им најави неизвесна и тешка битка на останатите конкуренти за престолот на којшто моментално седи Ливерпул. Иако се одиграа само девет кола во шампионатот, ова е период кога се издвојуваат тимовите кои ќе се борат за самиот врв, а Тотенхем дефинитивно е меѓу нив.

Иако за Жозе ова беше само шести триумф во вкупно 23 менаџерски дуели против Пеп, сигурно му е меѓу поомилените со оглед на тоа дека го остави Манчестер сити во долниот дел од табелата, а воедно му „честиташе“ на Гвардиола за потписот на новиот договор со Граѓаните.

Затоа победа во корист на Тотенхем треба да биде почеста појава на вашите тикети во случај оние 6-1 на „Олд Трафорд“ од пред месец и пол да не беа доволна причина за да типувате на Петлите.

- Оглас -

Најнови вести