Гркот Василис Спанулис со победа ја почна евролигашката кариера како тренер и тоа не било каква победа, туку на гости против актуелниот европски првак.
Монако предводен од Спанулис на клупата, славеше во „ОАКА“ во Атина со 91-88 против Панатинаикос.
Спанулис од 2005 до 2006 и од 2007 до 2010 година играше за Зелените детелинки, а тогаш направи нешто незамисливо, прејде во лутиот ривал Олимпијакос. Навивачите на ПАО и тренерот Жељко Обрадовиќ никогаш нема да му го простат тоа предавство, Спанулис е еден од најомразените ликови кај Панатинаикос, па победата вечерва сигурно му е посебно слатка, иако не го признава тоа и пред мечот велеше дека му е меч како и секој друг, бидејќи на ПАО му гостуваше и како тренер на Перистери.
И на вториот меч како тренер во Евролигата, Спанулис ќе има ривал од неговата Грција. Во следното коло Монако игра дома со Олимпијакос, клубот во кој Спанулис играше од 2010 до пензионирањето во 2021 година.