Погба: Франција веќе не е најдобрата репрезентација на светот

Фудбалската репрезентација на Франција има огромен број квалитетни играчи, станува збор за актуелен светски шампион, но Триколорите се наоѓаат во серија од пет ремија по ред, низа која почна уште летоска на Европското првенство.

Неочекуваното испаѓање од Швајцарија на ЕП и недоволните нерешени резултати против БиХ и Украина во квалификациите за СП покажуваат дека Франција не е моќна како во 2018 година, кога го освои Мундијалот во Русија.

„Еуфоријата од СП во Русија е завршена. Има многу промени во нивото кај играчите, секој од нас треба да ја крене формата“, изјави капитенот, голманот Уго Љорис, по оние 1-1 во Киев.

Пол Погба немаше многу влакна на јазикот. Фудбалерот на Манчестер јунајтед вели дека е потребно да се „смени чипот“ во главите на играчите.

„Долго време помина од последната победа. Ми недостасуваат победите, на сите ни недостасуваат. Веќе не сме најдобриот тим на светот. Мора да бидеме поагресивни, треба повеќе да се испоти дресот и да се игра со поголема желба“, рече Погба.

- Оглас -

Најнови вести