Погледите свртени кон најопасните напаѓачи во Ла Лига, но Селта треба да се плаши од Крос

Реал Мадрид и Селта својот прв натпревар во 2021 година го играат вечерва од 21 часот, во ситуација кога напаѓачите Јаго Аспас од Селта (9 гола и 6 асистенции) и Карим Бензема од Реал (8 гола и 5 асистенции) се на чело на листата на најкорисни напаѓачи. Статистички, голови треба да се очекуваат од нив двајца, но традицијата покажува нешто друго.

Реал секако треба да се плаши од Аспас, особено што во одбраната на Кралскиот клуб ќе го нема капитенот Серхио Рамос, но Селта во прв ред треба да се плаши од Тони Крос. Германецот не е познат како фудбалер кој често дава голови (има 53 погодоци во клупската кариера), но кога игра против тимот од галицискиот град Виго, тој е вистински голгетер. Точно 11,3 процентои од неговите голови во кариерата му се против Селта.

Крос има 6 гола на 13 дуели против Селта. После Селта, Крос најмногу голови што дал против еден противник му се три, против Валенсија и против Херта од времето додека играше во Бундеслигата. Крос кон голот на Селта има упатено 8 шута, реализацијата од 6 гола од осумте обиди му е феноменална.

Во минатата сезона, Крос погоди и на „Балаидос“ и на „Сантијаго Бернабеу“, сега има прилика да ја затресе мрежата на неговите омилени пациенти и на „Алфредо Ди Стефано“. Сезонава Крос има само еден гол.

- Оглас -

Најнови вести