Покетино откри кој бил клучниот детаљ за победата над Реал Мадрид

Пари Сен Жермен со минимална победа од 1:0 ќе патува на реваншот во Мадрид против Реал, во осминафиналето од Лигата на шампионите. Францускиот тим доминираше и упати дури 21 шут кон голот на Тибо Куртоа, а погоди само еднаш.

Реал како ретко кога беше надигран, а гостите само трипати шутнаа кон голот на ПСЖ и ниту еден од тие удари не одеше во рамките на голот на Џиџи Донарума. Тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино беше задоволен од прикажаното и вели дека ако неговиот тим имал малку повеќе среќа, можел да победи со 3:0. Сепак, аргентинскиот стратег знае дека ова е само првата половина од двомечот со Реал.

„Многу сум среќен. Одигравме одлично и бевме подобар тим од Реал Мадрид. Знаеме дека останува уште еден меч, но важно е дека го направивме првиот чекор и победивме дома. Ги пресековме клучните алки на Реал, не им дозволивме да ја развијат нивната игра. Вршевме голем притисок врз нивниот среден ред. Го контролиравме мечот во сите 90 минути и на противникот не му дозволивме да создаде многу шанси. Сепак, не смееме да се опуштиме пред реваншот во Мадрид“, рече Покетино, за кого ова беше трет меч против Реал како тренер и има две победи и едно реми.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести