Полесен пат до ЕП 2020 година, 20 најдобри од квалификациите и 4 од Лигата на нациите

Македонија е една од ретките репрезентации во Европа што ќе има двојна шанса да се пласира на континенталниот собир на 24-те најдобри селекции идната година.

Европското првенство во 2020 година ќе се игра во 13 градови ширум Европа, а за нас постои пат кон историјата на два начина.

Веќе се пласиравме во полуфиналето во Сегментот Д од Лигата на нациите и ќе го пречекаме Косово на домашен терен во нокаут-полуфинале во март 2020 година, што потоа би не одвело на финален мегдан со Грузија или со Белорусија. Победникот во финалето има сигурен настап на ЕП 2020 година, а шансата за Македонија е историска. Два меча не делат од првото учество на големо натпреварување.

Втора шанса се квалификациите, редовни, кои се играат во континуитет, а тука сме во групата Г со Полска, Австрија, Словенија, Израел и Летонија.

Иако почна како прво натпреварување, Лигата на нациите ќе мирува сè додека не заврши редовниот квалификациски циклус. Вкупно има 10 групи и најдобрите две селекции од секоја група ќе го дадат грото од учесниците на ЕП следната година, или точно 20 селекции кои ќе патуваат низ европските градови, а ги има 13 домаќини за ЕП 2020 година.

Натпреварите по групи во квалификациите што ќе ги почнеме задутре против Летонија за нас завршуваат на 19 ноември годинава со последниот меч, повторно во Скопје против Израел.

Потоа ќе се доигра плејофот во Лигата на нациите, а Македонија ќе биде еден од учесниците во завршницата. Ако успееме во квалификациите да бидеме меѓу двете најдобри селекции во групата Г, тогаш место нас со Косово во полуфиналето во Лигата на нациите ќе игра следната најдобра селекција од Сегментот Д.

 

- Оглас -

Најнови вести