Политички проблем – претседателката на Грузија го осуди трансферот на Шенгелија во ЦСКА

Грузискиот крилен центар Торнике Шенгелија денеска потпиша тригодишен договор со кошаркарскиот гигант ЦСКА Москва, но овој трансфер предизвика многу негативни коментари во неговата родна земја, па дури и претседателот на Грузија го осуди тоа што популарниот Токо ќе игра за руски клуб.

Шенгелија, кој има 28 години, во раната младост играше во НБА, а претходните шест сезони ги мина во Басконија, каде што се стекна со статусот на еден од најдобрите европски играчи на негова позиција. ЦСКА е актуелен европски првак и клубот е магнет за секој играч, но во случајов политиката ги вмешува прстите.

Претседателот на Грузија, госпоѓа Саломе Зурабашвили, на „Фејсбук“ напиша дека за нејзина жал како претседателка на Грузија, одлуката на грузиски репрезентативец да се пресели во ЦСКА Москва е неприфатлива.

Шенгелија реагираше на критиките од неговите сонародници.

„Може да одам во НБА, ако добијам интересна понуда. Сакам да играм кошарка, јас сум Торнике Шенгелија и го ширам грузискиот дух каде и да играм. Така ќе биде и во Русија, ништо не е сменето во мојот однос кон татковината и сонародниците. Се надевам дека луѓето нема да го сменат мислењето за мене“, рече Шенгелија.

- Оглас -

Најнови вести