Полицијата ослободи 80-мина фудбалери кои станале жртви на трговија со луѓе

Голем скандал го потресе португалскиот фудбал. Во полициска рација во тренинг-центарот во околината на Фамаликао на северот од земјата од заложништво се ослободени 80-мина фудбалери за кои се претпоставува дека биле жртви на трговија со луѓе. Се работи за фудбалери кои доаѓале од Јужна Америка, Африка и Азија, а се на возраст од 13 до 23 години.

Медиумите пишуваат дека се работи за деца и младинци кои биле намамени во тренинг-центарот во местото Риба д’Аве. На сите им било ветувано дека ќе добијат шанса да се изборат за договори со најбогатите португалски клубови, а нивните родители на агенцијата и плаќале од 600 до 1.300 евра месечно за сместување и други трошоци.

Режимот во таканаречениот тренинг-центар бил микс од затвор и интернат. На сите им биле одземени пасошите и не смееле самостојно да се движат никаде.

Министерот за спорт на Португалија, Жоао Пауло Кореира, најави понатамошна борба и истрага за оваа трговија со луѓе што се случува под превезот наречен тренинг-центри. Поголем дел од фудбалерите кои сонувале да стигнат до големите европски клубови се вратени во матичните земји.

- Оглас -

Најнови вести