Полјаците им се чудат на различните изјави: Играа ли Глик и Криховјак на ист меч во Рига?

Искусното дуо репрезентативци на Полска, Камил Глик и Грегорж Криховјак имаат сосема различен поглед на работите по победата на нивната репрезентација против Летонија и пред дуелот со Македонија, утре во Варшава.

Глик беше многу критичен по триумфот во Рига, иако Полјаците лесно со триумф од 3:0 ги освоија бодовите и се лидери во Г групата со 16 бода.

„Нервозен сум. Не ми се допаѓа кога на моменти гледам на теренот како секој си игра за себе. Ќе мора да бидеме многу посериозни за следниот дуел со Македонија“, изјави стоперот на Монако.

За разлика од него играчот за врска на московски Локомотив, Криховјак вели дека „одиграле одличен меч и биле фокусирани сите 90 минути за убедлива победа против Летонија.

Поголемиот дел од полските медиуми се согласуваат со Глик и не се задоволни од впечатокот што нивните репрезентативци го прикажаа во Рига, иако победија со 3:0. Освен за Роберт Левандовски, кој ги постигна сите три гола, за другите играчи немаат многу комплименти, а најкритични се кон соиграчот на Алиоски од Лидс, Матеуш Клих.

„Игра одлично за Лидс, но какви игри прикажува во полската репрезентација, веројатно е време за преселба на клупата. Истото се однесува и за Пјотр Зјелински (соиграч на Елмас во Наполи, н.з.). Каков талент е, малку прикажува во националниот состав“, пишуваат новинарите на „Полсат Спорт“.

Медиумите пишуваат дека и наспроти лидерската позиција на Полска и победата против Летонија, атмосферата во репрезентациата не е добра.

Полска има пол-позиција во нашата група со 16 бодови од 7 меча, пред Австрија со 13 и Македонија и Словенија со по 11. Тоа се четирите репрезентации со шанси во последните три кола да бијат битка за првите две позиции. Израел со 8 и Летонија без бодови веќе се протија од настап на ЕП 2020 година.

Мечот меѓу Полска и Македонија ќе се игра утре од 20.45 часот во Варшава и е клучен за нас. Ако загубиме ќе немаме веќе реални шанси за пат на ЕП преку квалификациите, а со реми и победа остануваме кандидати за пласман на континенталниот шампионат следната година.

 

- Оглас -

Најнови вести