Поминаа четири децении од авионската несреќа во која единствен преживеан беше човекот кој го создаде најдоминантниот тим во Бундеслигата

Легендарниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес, на 17 февруари го слави својот „втор роденден“. Во четвртокот се навршија точно 40 години од авионската несреќа во која единствен преживеан беше токму Хенес.

Поради проблеми со коленото, Хенес во 1979 година ја заврши кариерата и веднаш стана менаџер на Баерн Минхен. Со 27 години, тој беше најмладиот менаџер во историјата на Бундеслигата.

Три години откако беше поставен за менаџер, на 17 февруари 1982 година, Хенес имал работен состанок, а потоа решил да му се јави на пријателот Хелмут Симлер кој работел како скаут, за заедно да отпатуваат во Хановер на пријателскиот меч Германија – Португалија. Сакал на дело да го гледа својот добар пријател Паул Брајтнер.

Хенес му се јавил и на претседателот на Баерн, Вили Хофман, но тој одбил да дојде, затоа што не сакал да се вози со авион со пропелери. Освен тоа, Хофман го познавал пилотот, кој не му бил посебно омилен. За пилот бил ангажиран Волфганф Јунгингер. Тој бил пилотот со кој Хенес летал и неколку години претходно, но авионот морал принудно да слета поради недобрата проценка околу тоа колку гориво требало да има во авионот. Во тоа принудно слетување имало неколку повредени, но за среќа, тогаш немало жртви.

Во авионот Salon Piper PA-34-200T Seneca II предвиден за шест лица, имало четворица. Таму биле Хенес, Симлер, пилотот Јунгингер и копилотот Томас Купфер.

Хенес седел на десната страна и веднаш по полетувањето заспал. По еден и пол час летање, авионот бил близу до слетување во Хановер, а диспечерот од аеродромот ги известил дека има проблем со видливоста поради густата магла.

Кратко потоа аеродромската кула го губи контактот со авионот, кој го снемува од радар и тоа на 12 километри од пистата за слетување.

Авионот удрил во врвовите дрвјата, а потоа паднал во поле и се влечел преку 100 метри. Веднаш започнува потрага по авионот.

Кога бил пронајден авионот, во него биле телата на тројца од патниците и сите починале од падот. Единствено го немало Хенес. Проценките биле дека е невозможно да се преживее оваа несреќа, но чудо го спасило Ули.

Додека спиел, тој не бил врзен со појасот, а по падот, благодарение на тоа што не бил врзен со појасот, бил исфрлен надвор од авионот. Хенес бил спасен од 43-годишниот инжинер Карл-Хајнц Депе, кој во тоа време со своето куче бил во лов. Депе возел Лада Нива, единствено возило со кое можело да се помине низ калта во полето, додека автомобилите на спасувачите останале заглавени.

Депе успеал да го пронајде Хенес кој бил премрзнат. Веднаш го стоплил со ќебе кое го носел во автомобилот, кој подоцна не можел да тргне во калта. Депе пешки тргнал по спасувачите кои набрзо пристигнале, а Хенес бил префрлен во болница. Спасителот на Хенес воопшто немал слушнато за ѕвездата на Баерн Минхен затоа што не следел фудбал.

Хенес имал неколку скршеници, потрес на мозок, нагмечување на градите и хипотермија, но успеа да се спаси и да биде единствен преживеан во несреќата.

Кога се разбудил во болницата, Хенес првото нешто што прашал е како завршил дуелот Германија – Португалија. Панцерите победиле со 3:1 на тој меч. Подоцна Хенес го повикал својот спасител, но и останатите кои биле дел од потрагата да му бидат гости во Минхен, а ловецот Карл-Хајнц на подарок му однел ќебе направено од крзното на лисицата што ја уловил таа вечер.

„Ако не ја бркав таа лисица пола ден, немаше да бидам на вистинско место во вистинско време. Без мене, Ули Хенес ќе смрзнеше на тоа поле. Едноставно таа лисица е причината поради која успеав да му го спасам животот“, откри ловџијата.

- Оглас -

Најнови вести