Помошникот објасни како болниот Сари од дома го водел Јуве

Џовани Мартушело кој го водеше Јувентус на гостувањето кај Парма, рече дека со главниот тренер Маурицио Сари се слушнал телефонски пред мечот, на полувремето, и по завршувањето. Сари кој е болен од запаление на белите дробови и лежи дома, бил задоволен од победата, но не и од играта.

„Маурицио не е задоволен од некои работи како физичката подготвеност, поточно падот во второто полувреме. Верува дека Јуве делувал добро само во првите 30 минути. Го радува што некои играчи ги прифатиле неговите идеи, играат побрзо, а го лутат индивидуални грешки, но тој е перфекционист“ – рече помошникот Мартушело.

Сари нема да го води Јуве ниту следниот викенд на гостувањето кај Наполи, некогашниот клуб на Сари. И подобро за него, за да не ги слуша навредите.

ДЕ ЛИХТ: ОЧЕКУВАВ ДЕКА ЌЕ ИГРАМ

Составот со кој „старата дама“ настапи против Парма бил избран од Сари, а во одбраната беа ветераните Бонучи и Кјелини, додека новото и скапо засилување Матајс Де Лихт, воопшто не влезе во игра.

Младата холандска ѕвезда  е изненаден што не влезе во игра, но смета дека не играл и поради тоа што не знае италијански јазик.

„Сакав да играм, но не разбирам што се зборува на тренинзите, и затоа ја почитувам одлуката на тренерот. Реален сум, уште ми треба време за привикнување тука во Италија, а Бонучи и Кјелини се еден од најсилните и највоиграни тандеми во светот. Ќе треба да се изборам за место во тимот во оваа сезона“ – рече Де Лихт.

- Оглас -

Најнови вести