Поради компликации од корона-вирус ја загуби ногата, но не се откажува од кошарката

Тешката форма на коронавирусот е ретка кај младите луѓе, но може да биде многу опасна, а доказ за тоа е 18-годишната Белгијка Елија Фонтејн, која поради компликации, остана без една нога и сега веќе не може нормално да игра кошарка, спортот што го сака најмногу и што го играше до пред половина година.

Поради инфекција на прстите на ногата, ампутацијата била неизбежна како единствен начин да се спаси нејзиниот живот, а Елија повеќе од три недели била во кома. Лекарите намерно ја ставиле во кома, срцето и белите дробови работеле со помош на машини и рекле дека таа треба да биде среќна што е жива и што минала само со ампутација на едната нога.

„Во кома паднав на 18 март, се разбудив на 15 април. Мислев дека сум била заспана само неколку часа. Кога стигнав во болница, имаше само четворица мртви од корона-вирусот, а кога се разбудив веќе беа над 4.000. Се сеќавам на првите симптоми, ми беше лошо, повраќав и бев многу ладна. Родителите ме однесоа во болница“, вели Елија, која имала температура само од 32,4 степени.

Таа паднала во несвест кога дознала дека ногата треба да се ампутира до колено. Морала да прифати, колку и да не верувала дека ќе мора да донесе таква тешка одлука. На 25 мај, се извршила операцијата, а на 22 јуни, таа проодела.

„Прво помислив на кошарката и фактот дека ќе мора да престанам да играм. Многу ми беше тешко. Тоа што повторно треба да учам да одам е само мала пречка. Најмногу сакам повторно да можам со другарките да играм кошарка. Позитивна сум, ампутација на ногата е подобра од смрт. Сакам да продолжам таму каде што застанав на 18 март“, изјави Елија, која играше за Унион Уј баскет во втората регионална лига.

Сега Елија има протеза, повторно оди и продолжува со рехабилитација. Таа иако нема да може да игра официјални мечеви, љубовта кон кошарката кај неа е толку голема што не може без баскетот, макар и само да шутира на кошеви како тој во центарот за рехабилитација.

- Оглас -

Најнови вести