Поради Коронавирусот, еден од најпознатите кошаркарски клубови на Балканот може да згасне

Пандемијата со Коронавирусот им наштети на многу спортски колективи во светот, а на еден од најпознатите кошаркарски клубови на Балканот му се заканува распад. Цибона се наоѓаше во финансиска криза и пред да се случи настаната ситуација, па доколку во најскоро време не се најде решение, двократниот европски првак од хрватската престолнина може да згасне.

„Доколку градот не ни излезе во пресрет, ќе бидеме на раб на пропаст. За жал, во моментов никој не знае што ќе се случи. Оваа ситуација може да здрма секого, не само Цибона. Се надеваме и на помош од државата, најавени беа околу 18 милиони куни, но таа сума не е доволна, односно потребни се повеќе средства за да опстанеме“, изјави директорот на Цибона, Домагој Чавловиќ.

Во меѓувреме клубот ги раскина договорите со неколку играчи, на кои во главно им истекуваа по крајот на оваа сезона.

„Ја прекинавме соработката со Гибсон, Ребец, Катиќ, Новачиќ, Љубичиќ, Билиновац. На тие играчи им истекуваа договорите по крајот на оваа сезона, односно беа договорени на едногодишна соработка. Со некои од нив ќе ја обновиме соработката пред почетокот на новата сезона доколку има услови за такво нешто“, додаде Чавловиќ.

Жално е што еден од најтрофејните кошаркарски колективи на овие простори се наоѓа во тешка ситуација.

- Оглас -

Најнови вести