Поради Коронавирусот завршува една блескава кошаркарска кариера?

Прославениот шпански кошаркар Пау Гасол сè уште закрепнува од тешката повреда на стопалото која ја лечи со месеци, но претходно најави дека би сакал да одигра барем уште една сезона во НБА-лигата и да се појави на Олимписките игри во Токио ова лето.

Сепак, тековната сезона во НБА „замрзна“ поради пандемијата со Коронавирусот и не се знае кога, односно дали воопшто ќе се доигра, па можно е да има пореметување на распоредот за сезоната 2020/21. Исто така се чека одлука дали и ОИ ќе се одложат за следната година, па тоа е една од причините што Гасол би бил принуден да назначи крај на кариерата пред својот 40-ти роденден.

„Со оглед на процесот на закрепнување и самата повреда со која се здобив, неминовно е да се размислува за пензија. Треба да се земе предвид и дека за неколку месеци ќе наполнам 40 години. Сепак, се надевам дека ќе најдам начин да играм уште малку, но тоа сега не ми е во мислите. Прво треба да го надминеме глобалниот проблем, а тоа е Коронавирусот, а потоа ќе видам какви предизвици ме очекуваат и ќе одлучам“, истакна Гасол.

Шпанскиот ветеран последно се најде во редовите на Портланд трејлблејзерс, но за брзо го раскина договорот поради повредата без притоа да запише настап за екипата. Инаку, кариерата ја започна во Барселона, Мемфис му беше прв предизвик во НБА-лигата, од каде што пристигна во ЛА лејкерс и освои две шампионски титули, а Чикаго, Сан Антонио и Милвоки се останатите екипи за кои настапуваше Гасол.

На интернационално ниво има една светска и три европски титули со Црвената фурија, а има и сребро од ОИ 2012 во Лондон. Исто така Гасол е сопственик на бројни индивидуални награди, како МВП на Мундобаскетот во 2006 година, како и две награди за најдобар играч на ЕП во 2009 и 2015 година.

- Оглас -

Најнови вести