Порано беше дерби, а сега Баерн без мака си го делка Шалке

Фудбалерите на Баерн Минхен во меч кој порано се нарекуваше дерби, вечерва оствариа рутински триумф на гостувањето во Гелзеркинхен кај Шалке. Актуелниот шампион во Бундеслигата славеше со 0:2.

Случувањата на теренот покажуваа дека победата на Баерн Минхен не беше доведена во прашање ниту еден момент, дури и кога резултатот беше 0:0, баварците одиграа колку што им требаше за да остварат триумф .

Резултатот беше отворен во 38-та минута кога Мусијала во шеснаесетникот со пета одигра двојно додавање до Гнабри, кој успеа да погоди за 0:1.

Конечниот резултат го постави Чупо-Мотинг во 52-та минута, повторно по асистенција на Мусијала. Младиот Мусијала е неверојатен сезонава, одигра 22 натпревари во сите конкуренции има 12 гола и 10 асистенции, додека Гнабри има по 10 гола и асистенции.

Со триумфот и новите три бода, Баерн Минхен по 15 кола има 34 бода, шест повеќе од Лајпциг.

- Оглас -

Најнови вести