Портланд и Денвер направија нешто што само еднаш се случило во историјата на плејофот во НБА

Портланд се радуваше на победа против Денвер, во еден од најнеизвесните мечеви кои се одиграни во НБА лигата. Домаќините победија со 140:137, во меч на кој требаше да се одиграат четири продолженија, за да се дознае победникот. Само втор пат во историјата на плејофот се игра натпревар со четири продолженија, а Портланд се радува на победата.  Еве како се движеше резултатот по завршување на продолженијата и на четвртините: 140:137, 129:129, 118:118, 109:109, 102:102 (23:17, 25:30, 33:29, 21:26).

Самиот тек на мечот покажуваше дека може да има неизвесна завршница, но сигурно никој не помислуваше дека средбата ќе трае речиси четири часа. Во текот на регуларните 48 минути двата тима се менуваа во водство, но никој не успеа да направи сигурна предност.

Во регуларниот дел Денвер стигна до израмнување 102:102, а потоа домаќините промашија напад за победа, што беше најава за неверојатна драма. Потоа следуваа три продолженија во кои двете екипи погодуваа кога требаше да израмнат, но никако немаше играч кој ќе реализира за победа.

Клучниот момент на мечот се случи во последните 20 секунди. Родни Худ погоди тројка за Портланд и водство од 138:136. Денвер имаше шанса за повторно да израмни, но Никола Јокиќ го промаши првото слободно фралње на 5,4 секунди до крајот, што значеше дека триумфот ќе остане за домаќините. Србинот сигурно го стигна и заморот, бидејќи на теренот помина неверојатни 65 минути, од можните 68 кои се играа за да се стигне до победникот. Тој е првиот центар во историјата на НБА лигата кој играл повеќе од 60 минути.

Токму трагичарот Јокиќ беше најдобар за Денвер и имаше трипл-дабл со 33 поени, 18 скока и 14 асистенции, но Србинот едноставно немаше концентрација во последните клучни моменти.

Кај Портланд најефикасен беше Си Џеј Мекалум со 41 поени од кои 18 беа во продолженијата, а одличен беше и Енес Картер со 18 поени и 15 скока. Со оваа победа, Портланд поведе со 2:1 во серијата против Денвер.

Гостинска победа утрово забележа Милвоки кај Бостон и Бакси сега водат со 2:1 во полуфиналето на Истокот.

- Оглас -

Најнови вести