Порто, Милан и Атлетико во битка за второто место, кој има најголеми шанси?

Последното шесто коло во Лигата на шампионите започнува вечерва, а од четирите групи останува една голема непозната. Која ќе биде втората екипа од Б групата што ќе обезбеди место во нокаут-фазата на елитното друштво.

Ливерпул е сигурно прв во Б групата, додека за второто место конкурираат останатите три екипи. Порто моментно е втор со 5 бода, а Милан и Атлетико Мадрид имаат по четири бодови. Вечерва ќе играат Милан против Ливерпил, а Порто е домаќин на Атлетико Мадрид.

Порто е во пол-позиција. Моментно е втор и игра дома. Атлетико и Порто пред три месеци во Мадрид одиграа без голови, но сега влогот е многу поголем. Порто со победа сигурно ќе остане втор. Доколку дуелот во Португалија заврши нерешено, тогаш Порто ќе треба да се надева Милан да не победи против Ливерпул.

Милан ќе биде втор ако ги освои трите бода против Ливерпул, а Порто и Атлетико Мадрид ремизираат.

Постои опција и Атлетико Мадрид да е втор, а тоа е Јорганџиите да се радуваат на гости кај Порто, а Милан да не победи против Ливерпул.

Најдраматичната опција е Атлетико Мадрид и Милан да победат, па двете екипи би имале по седум бодови. Во таква ситуација решава меѓусебниот дуел, а тука двата тима имаат по една победа, и тоа на гости. И вкупната гол-разлика во меѓусебните дуели е израмнета (Милан победи 1:0 во Мадрид, а Атлетико со 2:1 славеше на „Сан Сиро“). Во таква ситуација решава вкупната гол-разлика. Милан моментно има гол-разлика 5:7, а Атлетико има 4:7. На крајот може да се случи и вкупната гол-разлика да биде иста (пример ако Милан победи со 1:0, а Атлетико слави со 2:0), па патникот во нокаут-фазата да го решава и бројот на постигнати голови на гостински терен.

Во Ц и Д групите јасно е дека Ајакс, Спортинг, Реал Мадрид и Интер остануваат во Лигата на шампионите, а Борусија Дортмунд и Шериф Тираспол ќе играат во Лигата на Европа. Реал и Интер ќе играат на „Сантијаго Бернабеу“ за тоа кој ќе биде прв во групата.

Во А групата, Манчестер сити е сигурно прв, а ПСЖ втор, додека Лајпциг и Бриж ќе се борат за продолжување во Лигата на Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести