Португалија се намачи против Турција, но победи, што е во корист на Македонија

Португалија потешко од очекувањата стигна до победа на гостувањето кај Турција и го задржа перфектниот учинок во квалификациите за пласман на Европското ракометно првенство во 2024 година.

Турција само трипати имаше водство и тоа освен почетните 1:0 и 2:1, во позитива беше само уште при водството од 7:6. Потоа Португалија со мини-серија од 3:0 стигна до 9:7, а потоа разликата се искачи и на пет гола предност (13:8). Највисоката предност во првите 30 минути гостите ја имаа со пет разлика, и тоа трипати, а на полувреме заминаа со водство од 19:14.

На почетокот на вториот дел Португалија стигна и до плус од шест погодоци (21:15), но Турците не се предадоа. Домаќините полека ја намалуваа негативата, па стигнаа со 23:25, но потоа повторно следуваше добра игра на Португалија, која ја врати предноста од пет гола (30:25).

Во финишот на дуелот, Турција намали и на еден разлика, кога беше 33:34 и 34:35 на три минути до крајот. Сепак, Португалија не дозволи изненадување и на крајот стигна до победа, која оди во корист и на Македонија.

Португалија сега има максимални 10 бода од пет кола, а Турција остана на четири бодови од пет кола. Македонија, која вечерва ќе гостува кај Луксембург, исто така има четири бода, па со триумф на нашите ракометари, Европското првенство ќе биде во наши раце.

- Оглас -

Најнови вести