Пo 51 година се најде човек да го повтори успехот на Вилт Чемберлен

Расел Вестбрук одигра меч кој ќе биде запишан во НБА-историјата бидејќи тој стана само вториот играч кој успеал на еден меч да има „20-20-20“. Тоа значи дека Вестбрук направил трипл-дабл, а во сите три категории е со бројка над 20. Во победата на Оклахома против Лос Анџелес лејкерс од 119:103, Вестбрук заврши со 20 поени, 20 скока и 21 асистенција. Историскиот меч беше комплетиран на 40 секунди до крајот, кога Вестбрук го оствари 20-тиот скок на средбата.

Претходно вакво постигнување имал само легендарниот Вилт Чемберлен, кога во 1968 година, во победата против Детроит имаше учинок од 22 поени, 25 скока и 21 асистенција.

Во останатите мечеви, играчите на Хјустон беа најрасположени за погодување утрово, па дадоа дури 130 поени во победата на гости кај Сакраменто. „Ракетите“ го торпедираа противникот со удари од далечина, па на крајот застанаа на 26 погодени тројки, што е израмнување на НБА-рекордот за оваа сезона.

Шампионот Голден стејт го доби дербито против Денвер и сега „воините“ само се зацврстија на првото место на Западот со 53 победи и 24 порази, додека Денвер остана втор со 51 победа и 26 порази.

Резултати: Оклахома – ЛА лејкерс 119:103, Сан Антонио – Атланта 117:111, Сакраменто – Хјустон 105:130, Голден стејт – Денвер 116:102.

- Оглас -

Најнови вести