Последна понуда од Барса: Дајте ни го Нејмар на позајмица, а следното лето да го откупиме

Трансфер-сагата околу Нејмар би можела да заврши утре, до кога од Барселона го чекаат одговорот на Пари Сен Жермен на последната понуда која Каталонците ќе ја испратат денеска. Според весникот „Л`Екип“, Барса бара да го добие Нејмар како позајмен до крајот на сезонава, со тоа што би имало клаузула со која наредното лето Бразилецот мора да биде целосно откупен по цена од која ПСЖ ќе биде задоволен.

Парижани за ѕвездата бараат минимум 200 милиони евра, а Нејмар го купија пред две години за 222 милиони. Каталонците летово не можат да си дозволат да дадат толку многу пари бидејќи веќе потрошија многу пари за Гриезман, Де Јонг, Нето и Жуниор Фирпо, а мора да играат според правилата на финансискиот ферплеј на УЕФА.

Ваквата понуда е проблематична за ПСЖ бидејќи ако го пуштат Нејмар без пари, нема да имаат доволно средства да купат негова замена. Од друга страна, парижаните не сакаат во тимот да имаат незадоволен играч кој ќе ја растура атмосферата во соблекувалната.

Интерес за Нејмар има и од Јувентус и од Реал Мадрид, а се шпекулира дека во Барса само блефираат и глумат дека се решени да го вратат само за да го залажат Лионел Меси, кој повеќе сака да игра во тандем со Нејмар отколку со Гриезман, а на крајот ќе го обвинат ПСЖ ако трансферот или позајмицата не се реализираат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести