Последниот танц на Меси во ЛШ со Барселона е осуден на пропаст?

Новото издание на Лигата на шампионите стартува вечерва, а многумина веруваат дека оваа сезона ќе се памети по тоа што Лионел Меси за последен пат ќе се обиде во дресот на Барселона да стигне до петтиот континентален клупски трофеј. Меси ја игра последната сезона од договорот со Барселона, клубот во кој ја помина целата досегашна кариера и со кого освои четири титули во ЛШ.

Меси на светската сцена се појави точно пред 16 години, а многумина го споредуваа со Мајкл Џордан во кошарката. Џордан освои шест титули во НБА со Чикаго булс и многумина предвидуваа дека Меси може да стигне до шест трофеи во ЛШ со Барселона. Сепак, Аргентинецот засега застана на четири трофеи со Барселона, а мали се шансите дека сега може да освои нова титула.

Луис Суарес, кој беше како брат со Меси на теренот, го продадоа во Атлетико Мадрид, а од клубот си заминаа и Артуро Видал во Интер и Иван Ракитиќ во Севилја, играчи кои имаа искуство и знаат како се освојуваат трофеи. Барселона реши да го гради тимот на млади сили, па во екипата ги има Фати (17 години), Педри (17), Дест (19), Пуиг (21), Алена (22), Араухо (21) и Тринкао (20 години).

Овие млади соиграчи на Меси немаат доволно искуство за да потегнат во трката за титулата во ЛШ, па затоа Меси тешко може да се надева на трофеј во ЛШ. Во последните три сезони Барселона доживува дебакли во елиминациите. Во 2018 година со 3:0 загуби од Рома и беше елиминирана, минатата година со 4:0 беше елиминирана од Ливерпул, а само пред неколку месеци доживеа историско понижување и со 8:2 загуби од Баерн Минхен.

Последен пат Барселона и Меси се радуваа на трофејот во 2015 година, кога во финалето во Берлин го победија Јувентус. Стрелците на погодоците во тоа финале веќе не играат за Барселона. Нејмар прв си замина, а летово од клубот си отидоа и Суарес и Ракитиќ.

Без разлика колку навивачите на Барселона да сакаат да веруваат во чудо, тешко е дека тоа може да го видиме оваа сезона. 

Каталонскиот гигант вечерва во ЛШ почнува на свој терен, а прв ривал е унгарски Ференцварош.

 

- Оглас -

Најнови вести