Три тима се во игра за освојување на титулата во бразилското фудбалско првенство, а остана само уште едно коло за играње, што најавува супер интересен четврток кога се играат дуелите кои ќе решаваат за титулата во тамошната Серија А.
Палмеирас синоќа го победи Флуминенсе со 1-0 и дојде на чекор до титулата. Овој тим за којшто игра и младата ѕвезда Ендрик, има три бода повеќе од Атлетико Минеиро и Фламенго, па доволно ќе им биде и бод во последното коло за титула.
Во последното коло в четврток рано наутро по македонско време, Палмеирас гостува кај Крузеиро, кој е 14-ти на табелата. Дури и со пораз од Крузеиро, Палмеирас може да стане шампион за тоа што има многу подобра гол-разлика од конкурентите.
На Атлетико Минеиро ќе му треба победа од 7-0 во последното коло за да биде првак доколку Палмеирас загуби. Математиката вели дека Фламенго ќе треба да даде барем 10 гола за титула во случај на пораз на Палмеирас од 0-1. Реално тешко, но теоријата постои.