Повик од „аѕурите“ за преродениот Квалјарела

Роберто Манчини, селекторот на Италија, ќе го повика Фабио Квалјарела за следните подготовки на репрезентацијата. Искусниот напаѓач на Сампдорија сезонава буквално игра како прероден, засега е прв стрелец во Серија А со 16 погодоци.

Во саботата постигна два гола во победата над Удинезе со 4-0, па сега 35-годишниот голгетер го дели само еден гол за да го сруши рекордот на Габриел Батистута. Со евентуален погодок против Наполи, Квалјарела ќе испише историја како прв фудбалер кој успеал да постигне барем еден гол на 12 последователни натпревари во Серија А.

Kвалјарела последен пат беше повикан во 2015 година, но за квалификациските мечеви за ЕП 2016 не доби шанса да заигра, додека последниот настап за „аѕурите“ го запиша 2010 година.

Животната форма му ги отвори вратите за враќање во репрезентацијата, a по сите изгледи, ќе се најде на списокот за евроквалификациските натпревари против Финска и Лихтенштајн, средби кои се закажани за 23-ти, односно 26-ти март.

- Оглас -

Најнови вести