Повредите се проблем за Тошевски, Ростов ќе го испрати на нова позајмица

Давид Тошевски нема среќа со повредите и не успева да се избори за посериозна минутажа во редовите на рускиот прволигаш Ростов и повторно, вторпат за една година, ќе оди на позајмица.

Младинскиот репрезентативец на Македонија сега ќе биде член на полскиот прволигаш Горњик Забже откако претходно половина година мина како член на Тамбов.

Тошевски лани летото направи одличен трансфер за македонски услови и за сума од 900 илјади евра од Работнички се пресели во Ростов, но одигра само шест меча. Дебитираше против шампионот Зенит, но во текот на првите неколку месеци како член на Ростов се повреди и во февруари годинава беше испратен во Тамбов.

И таму имаше проблем со повреда, па не одигра ниту еден меч за рускиот прволигаш и сега по вторпат за една година ќе оди на нова позајмица.

Тошевски има само 20 години и е еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал.

Горњик Забже по пет кола е на 15-тото место во полското првенство со две победи и три порази и шест бода. Во минатото член на клубот беше и познатиот поранешен македонски репрезентативец Ацо Стојков.

 

- Оглас -

Најнови вести