Вечерва беше заокружена осминафиналната фаза од Лигата на шампионите, со што се комплетира листата на осумте најдобри екипи во Европа, но и целиот костур до финалето кое ќе се игра во Будимпешта.
На левата страна од ждрепката нè очекуваат вистински дерби-пресметки. Ливерпул ќе се соочи со Пари Сен Жермен, додека Реал Мадрид ќе ги одмери силите со Баерн Минхен. Победниците од овие два двомеча ќе се сретнат во полуфиналето, што значи дека оваа страна од костурот носи исклучително тешки и атрактивни дуели.
На десната страна Атлетико Мадрид ќе игра против Барселона во шпанско дерби кое веќе буди огромен интерес, додека Спортинг Лисабон ќе се соочи со Арсенал. И овде победниците ќе вкрстат копја во полуфиналето.
Дуелот меѓу Атлетико и Барселона носи дополнителна тежина, особено ако се има предвид нивната неодамнешна пресметка во Купот на кралот, каде што мадридскиот тим успеа да ја елиминира Барса.
Иако Арсенал влегува како фаворит против Спортинг, португалскиот тим не смее да се потцени бидејќи веќе покажа дека знае да изненади на големата сцена.
Натпреварите од четвртфиналето се закажани за 7, 8, 14 и 15 април, кога љубителите на фудбалот ќе уживаат во нова серија спектакуларни дуели.

