Познати осумте стадиони на кои ќе се доигра сезоната во Премиер лигата!

Клубовите од англиската Премиер лига едногласно прифатија првенството да биде доиграно, а иако уште не е дефинитивно, очекувањата се сите средби до крајот на сезоната да се играат на неутрални терени, без публика. Во Англија веќе се појавија информации на кои стадиони ќе се игра, и бројот на стадионите е осум, со тоа што клубовите кои настачуваат на тие терени, нема да смеат да играат на својот стадион.

Најавите се дека фудбал до крајот на сезонава нема да се игра на легендарни стадиони како „Енфилд” на Ливерпул и „Стемфорд Бриџ” на Челзи. Причината е што овие стадиони се наоѓаат во урбанизирани зони, за да нема собирање на фанови. Ова значи дека Црвените од Ливерпул кои се првопласирани и би требало да ја освојат титулата, сезоната ќе треба да ја доиграат на гостински терен и нема да може дома да ја прослават титулата која ја чекаат 30 години.

На списокот на стадиони на кои може да се игра Премиерлигата се ставени: „Олд Трафорд“ и „Етихад“ во Манчестер, „Емирејтс“ во Лондон, олимпискиот „Лондон стејдиум“ во Лондон, „Амекс“ во Брајтон, „Вила парк“ во Бирмингем, „Сент Мери“ во Саутхемптон, и „Кинг пауер“ во Лестер. Имаше најави дека на листата ќе се најде и „Вембли“, но тој сепак веројатно нема да се користи за мечеви од Премиер лигата.

Има и многу противници на оваа идеја мечевите да се играат на неутрален терен, а конечниот збор околу тоа дали ќе има фудбал и во каков формат, ќе мора да се почека на британската влада.

- Оглас -

Најнови вести