Точно пред 10 години Сер Алекс Фергусон му рече збогум на фудбалот, и тоа по еден од најлудите мечеви во неговата кариера (Видео)

Кога ќе се спомне Манчестер јунајтед, една од првите асоцијации сигурно е Сер Алекс Фергусон. Легендарниот тренер кој 27 години беше предводник на Црвените ѓаволи од клупата е стратегот кој има освоено најмногу трофеи во историјата на фудбалот.

Како предводник на Манчестер јунајтед, Фергусон се радуваше на рекордни 13 титули во Премиер лигата, пет трофеи во ФА купот, четири во Лига купот и 10 во Комјунити шилд во натпреварувањата во Англија. На меѓународна сцена, Ферги со Црвените ѓаволи двапати беше европски првак, а има и пехари во Европскиот суперкуп, Купот на куп победниците, Интерконтиненталниот куп и Светското клупско пренство.

Пред да дојде на „Олд Трафорд“, Фергусон освои и 11 трофеи како тренер на Абердин, што секако беше препорака да замине во англискиот тим. Фергусон беше на чело на Манчестер до 19 мај 2013 година, кога Црвените ѓаволи гостуваа кај Вест Бромич албион во последното коло од таа сезона, која беше и шампионска за Црвените ѓаволи.

На мечот кој беше последен за него, ВБА и Манчестер јунајтед одиграа спектакуларен дуел кој на крајот заврши 5:5, а головите од овој натпревар може да ги видите ТУКА.

По заминувањето на Фергусон од клупата, Манчестер јунајтед ниту еднаш не успеа да стане првак на Англија.

 

- Оглас -

Најнови вести