Пред точно 27 години, Дражен Петровиќ играше за последен пат

Еден од најголемите европски кошаркари во историјата, Дражен Петровиќ, на денешен датум пред 27 години, го одигра својот последен натпревар во блескавата кариера, која ненадејно заврши на тој 6 јуни 1993 година, на дуелот на Хрватска против Словенија во полскиот град Вроцлав. На Дражен му беше рано за пензија, но судбината си поигра и утредента тој го загуби животот во сообраќајна несреќа во Германија.

Резултатски, мечот Хрватска – Словенија не беше важен, но сите кои играа на него, вечно ќе го паметат. Само еден ден подоцна, кошарката остана без својот Моцарт.

На тој турнир во Вроцлав играше и Македонија, тоа беа нашите први официјални мечеви по осамостојувањето и приемот во ФИБА. На дуелот со Македонија (бевме декласирани со 128-72), Дражен не влезе во игра, а тоа е и најтешкиот пораз во историјата на „црвено-жолтите“.

Во последната минута од средбата со Словенците (Словенија победи со 94-90), Петровиќ изведе две слободни фрлања, го погоди првото, го утна второто и се покажа дека тоа беше негов последен кош во кариерата. После натпреварот, Дражен од Франкфурт реши да оди кон Хрватска со автомобил, со својата девојка Клара. Попладнето на 7 јуни 1993 година околу 17.20 часот, црвениот „голф“ во кој Петровиќ беше совозач, се удри во камион цистерна на автопатот крај Денкендорф во Германија, и кошаркарот на Њу Џерси нетс замина во легендите.

- Оглас -

Најнови вести