Шумахер дебитираше во Ф1 точно пред 30 години: Знаете ли како заврши неговата прва трка?

Седумкратниот светски првак Михаел Шумахер на 25 август 1991 година за првпат настапи на трка од Формула 1 шампионатот. Тоа беше на трката за Големата награда на Белгија на патеката „Спа-Франкошам“. Легендарниот Шумахер беше во болидот на Еди Џордан, а првата трка ја заврши неславно.

Популарниот Шуми мораше да ја заврши трката уште во првиот круг поради проблеми со квачилото.

И покрај неславниот старт, Германецот подоцна го покажа целиот свој квалитет и во 1994 година за првпат стана светски првак. Тогаш беше во болидот на Бенетон. Следната година повторно стана првак, а потоа потпиша за тимот на Ферари.

Со легендарниот италијански тим, Шумахер петпати по ред стигнуваше до светскиот трон. Тоа беше во периодот од 2000 до 2004 година. Во пензија замина во 2010 година, а потоа повторно се реактивира возејќи Мерцедес, но немаше значајни резултати. Во 2012 година беше неговото кочено збогум на Ф1. Последната трката ја возеше за Големата награда на Бразил и заврши на седмото место.

Шумахер во кариерата имаше 91 победа и, секако, ќе биде запамтен како еден од најдобрите, а според многумина, и најдобар возач на сите времиња. На 29 декември 2013 година Шумахер доживеа тешка несреќа додека скијаше на француските Алпи.

При еден спуст, тој излезе од патеката, удри во карпест предел, а со главата директно удри во една карпа. Имаше неколку комплицирани операции и едвај го спасија неговиот живот, но падна во кома. По долго време, успеа да се разбуди, но ситуацијата остана сериозна. И по речиси осум години од несреќата, никој точно не знае во каква здравствена состојба е Шумахер, Ф1 возачот кој засекогаш ќе се памти во најбрзиот спорт во светот и денешниот ден како ден кога првпат влегол во Ф1 циркузот.

 

- Оглас -

Најнови вести