Прекинато првенството во Кипар

Фудбалскиот шампионат на Кипар е во прекин откако судиите решија да штрајкуваат. Причина за штрајкот е запалениот автомобил на мајката на судијата Менелаос Антониоу. Овој арбитер во последното коло го судеше мечот меѓу Арис Лимасол и Пафос, кој заврши со резултат 1:1.

Ова е втор ваков инцидент во последните три години. Фудбалот во Кипар беше прекинат една недела во 2020 година, кога на возилото на еден од судиите беше поставена бомба. Оваа година беше фрлена бомба пред седиштето на судиите во Кипар, но, за среќа, немаше повредени.

„Фудбалската федерација доби писмо од судиите во кое се наведува дека нивната одлука за прекин е поради константните напади на кои се изложени тие и нивните семејства. Изразуваме длабока загриженост поради теророт кој се врши врз нашите судии. Тие ја имаат нашата поддршка, а се надеваме дека полицијата ќе ги најде и ќе ги казни оние кои ги прават заканите“, стои во соопштението од Фудбалската федерација на Кипар.

Антониоу е еден од најдобрите кипарски судии, кој минатата година судеше и два меча во првенството на Хрватска, меѓу Хајдук – Осиек и Динамо – Ријека.

- Оглас -

Најнови вести