Преку мртви тела морале да газат за да стигнат до храна, но успеале да одгледаат дете кое сега станува ѕвезда во ЛШ (Видео)

Алфонсо Дејвис е новата ѕвезда во најава на европскиот и светскиот фудбал. Тинејџерот на Баерн Минхен одигра блескав меч против Челзи во Лондон, потврдувајќи дека германскиот гигант не залудно платил 22 милиони долари за да го купи од Ванкувер вајткапс, кој се натпреварува во МЛС.

Многу е драматичен патот на Дејвис од неговото раѓање до тоа да биде дел во еден од најдобрите клубови во светот. Играчот на Баерн има канадско државјанство, но тој е од Либерија, иако не е роден во земјата од која потекнува. Неговото семејство било принудено да ја напушти Либерија за време на Втората граѓанска војна во земјата.

ЛУЃЕ УМИРАА ОД ГЛАД, А ЈАС МОРАВ ДА НОСАМ ОРУЖЈЕ ЗА ДА ГО ЗАШТИТАМ СЕМЕЈСТВОТО, ОТКРИВА ТАТКОТО НА АЛФОНСО

Дејвис е роден во Гана, и тоа во камп за бегалци, во 2000 година. Неговата мајка Викторија се присетува на страшните моменти кои морале да ги преживеат.

„Моравме да газиме преку мртви тела само за да стигнеме до храна“, открива мајката на новата ѕвезда на Баерн Минхен.

Таткото Дебеа додава дека во кампот морале да носат огнено оружје за да може да преживеат.

„Беше страшно и опасно. Моравме со себе да носиме оружје за да преживееме во Либерија. Никогаш не сакав да го употребам оружјето. Беше многу тешко, луѓето умираа од глад. Потоа заминавме и нѐ сместија во камп за бегалци. Замислете како е некој да ве затвори во контејнер и да во го земе клучот, а вие мора да живеете таму и едноставно не можете да избегате“, раскажуваат родителите на фудбалерот.

Алфонсо се родил во кампот за бегалци и таму живеел до својата петта година. Потоа неговото семејство добило дозвола да замине во Канада, во градот Едмонтон. Таму бил забележан талентот на малото дете. Бил дел од Free Footie програмата, која им помага на оние млади фудбалери кои немаат добри финансиски услови, па им е потреба помош при превоз до тренинзите, плаќање на регистрацијата за играчи и други слични трошоци.

ЗАМИНУВАЊЕТО ВО КАНАДА ИМ ГО СМЕНИЛО ЖИВОТОТ

Токму на таа Free Footie програма бил забележан од Ванкувер вајткапс и заминал да тренира во тој тим. На 15 години добил шанса да игра за резервниот тим, а еден месец подоцна го постигнал и првиот гол. Тренерот на Ванкувер, Карл Робинсон, кој е поранешен играч на Вулверхемптон, Норвич и Сандерленд му дал шанса на Дејвис да стане првиот играч роден во 2000 година да заигра во МЛС.

„Тој е вистински спортист, има сè што му треба. Понекогаш тешките задачи ќе ги направи толку лесно, но некогаш на лесните едноставно ќе го расипе впечатокот. Сепак, тоа е само поради концентрацијата. Одличен човек е, сака да пее и да танцува. Навистина треба да им се честита на неговите родители за тоа каков човек направиле“, вели тренерот Робинсон.

Откако доби канадско државјанство, Дејвис веднаш и дебитираше за фудбалската селекција на оваа земја. На 16 години стана најмлад дебитант во канадската репрезентација. За неговиот потенцијал брзо се слушна и во Европа, каде што освен Баерн Минхен, се заинтересираа и Манчестер јунајтед, Челзи и Ливерпул. Сепак понудата на Баерн беше најпримамлива и очигледно дека беше вистинската.

Дејвис уште минатата сезона одигра шест меча за Баерн, а сезонава е стандарден во составот на германскиот гигант. За тоа како блесна на дуелот против Челзи во првиот меч од осминафиналето од Лигата на шампионите, може да видите ТУКА.

Видеозаписот од животната приказна за Алфонсо Дејвис може да ја видите на линкот.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести