Премиер лигата му одзеде бодови на поранешниот европски шампион и го турна во зоната на испаѓање

Челниците на Премиер лигата донесоа одлука да казнат Нотингам форест со одземање четири бода, објавија англиските медиуми. Причина за казната е кршењето на правилата на Премиер лигата со кои треба да се обезбеди финансиска стабилност на екипите.

Со други зборови, челниците на Премиер лигата го казнија двојниот европски шампион бидејќи троши повеќе пари отколку што може да си дозволи и со тоа ја доведува во опасност стабилноста на клубот.

По казната, Нотингам форест од 25 падна на 21 бод и се најде во опасната зона на испаѓање. Нотингам сега е на 18-тата позиција на табелата, со еден бод помалку од Лутон, кој се наоѓа во безбедната зона.

Управата на Нотингам форест најави жалба на оваа одлука, идентично како што направи и Евертон, кој на почетокот од сезоната доби поголема казна за истиот прекршок. На Евертон му беа одземени десет бода, но по жалбата му беа одземени само шест бода.

Нотингам форест е тим кој има само една шампионска титула во Англија, а двапати беше европски шампион.

- Оглас -

Најнови вести